Во чест на легендарниот пејач и композитор Јонче Христовски, во неговиот роден град Битола ќе биде поставено спомен-обележје. Споменикот ќе биде поставен на влезот на Старата битолска чаршија, а е по иницијатива на Стопанска банка АД Битола, по повод 75 години од нејзиното постоење.
Веста ја соопштија од Стопанска банка АД Битола, од каде посочуваат дека на локацијата ќе треба да се дислоцира едно дрво, но за да надоместат, ќе посаделе десет дрва во Битола.
Оддавањето почит на Христовски, со поставување на негов споменик наиде на позитивни јавни реакции. Големиот уметник кој почина пред 25 години, на 69-годишна возраст зад себе остави богата културна ризница и песни кои јавноста одамна ги препознава како народни.

За него и за неговиот боемски живот, неретко е кажано дека би требало да се сними филм. Животот му донел во исто време голема радост, но и загуба од која никогаш не се опоравил. Неговата сопруга Олга починала за време на породувањето, а на свет донела две близначки. Едната го добила името по мајка и, Олга, а пак другата го добила името по баба и по мајка, Невенка.
Девојчињата ги одгледала баба им Невенка, која им била како мајка, бидејќи Јонче често патувал и имал долги турнеји. Сепак, како што неодамна ни раскажа Невенка, секогаш се трудел во домот ништо да не им недостасува. На Јонче не му било лесно со две девојчиња, посебно кога починала нивната баба, во период кога имале 14 години.
Бил голем другар со ќерките, а домот постојано им бил полн со луѓе. Живееле живот исполнет со музика и дружби, а кога одел на турнеји по смртта на бабата, Олга и Невенка ги чувале соседите.
Олга потоа се омажила во Канада, но починала на 56-годишна возраст, а Јонче останал да живее со Невенка и нејзиното семејство. Иако често му кажувала дека треба да си најде сродна душа и да се прежени, до последен миг тагувал по починатата сопруга, и преку песните жалел по неа.
Кога се разболел од рак, и кажал на ќерката дека сака да го закопаат покрај сопругата Олга.
-Пред да почине, кога веќе му стана многу лошо, на смртна постела ја довикуваше мајка ми. Да ме закопате покрај неа, покрај мојата гулабица Оле, ни кажа, и ние му ја исполнивме последната желба, ни раскажа Невенка Гиговска. Додаде дека на Јонче музиката секогаш му била лек, а пак реакциите на публиката му биле награда за трудот.
Во чест на Христовски, пред две години се одржаа два концерти со неговите најголеми хитови во изведба на Камерниот оркестар Битола. Едниот концерт беше во Битола, а пак другиот во Скопје.
И по сите изминати години од смртта на Јонче, тој се уште е интересен за јавноста, препознатлив како голем уметник кој со невиден жар ги изведуваше своите песни, и за кого без сомнение може да се напише книга или пак да се сними филм.
Вики Клинчарова

