Безмалку три години не се знае судбината на неготинецот Коце Панов (80), кој излегол од својот дом рано наутро и повеќе не се вратил. Тој исчезнал на 27-ми ноември 2022 година, во утринските часови, по што му се губи траг.

Во општината тој и младиот Миле Тодоров (28), чија судбина не се знае од 30-ти јануари годинава, се единствените лица кои се водат како исчезнати подолг период. Во минатото, кога се случувало некој да биде пријавен како исчезнат, случаите се решавале за кратко време, односно или истиот ден, или пак за неколку недели.
Сите лица, пријавени за исчезнати беа пронаоѓани во добра состојба, освен во еден случај од 2009 година, кога пензионер по кого се трагаше неколку недели беше пронајден мртов, завиткан во тепих и фрлен во областа Куријски пат. Два дена по пронаоѓањето на телото беше откриен и приведен убиецот.
Токму поради тоа што се работи за мало место, каде речиси сите меѓусебно се знаат, а градот е покриен и со бројни камери за видео надзор, неготинци се прашуваат како досега не се пронајде исчезнатиот Коце. Во првите денови од неговото исчезнување, негови блиски објавуваа апел за пронаоѓање, како и негова фотографија на социјалните мрежи, но со тек на време, случајот како да почна да паѓа во заборав.
Од она кое е досега познато за случајот, според информации од Секторот за внатрешни работи Велес, исчезнувањето на Панов во неготинската полиција го пријавил неговиот син Ѓ.П. на 27-ми ноември 2022 година. Четири месеци подоцна, односно на четврти март 2023 година со судска нарередба извршен бил претрес во домот и помошните простории кои ги користел Ѓ.П., но нови детали за мистериозното исчезнување на пензионерот Панов не се откриени.
Како што соопштуваат од СВР Велес, неготинецот Панов од 27.11.2022 до денеска се води како исчезнато лице, а за превземените мерки и активности било известено ОЈО Кавадарци.
В.К.

