Нејзиниот глас со децении одекнуваше во етерот и го препознаваа сите генерации. Ја слушавме во реклами, во цртани филмови, серии, радио драми… Таска Балабанова (1934-2019) восхитуваше со хармонијата на својот глас и е жената која ги сними првите реклами во земјава во далечната 1950 година.
Нејзниот глас му даде автентичност на ликот на Олива од цртаниот филм Попај морнарот, на Штрумфета од Штрумфови, ја слушавме во култната серија Хихириху, ја гледавме на екраните во Македонски народни приказни, ,,Едно лето”, ,,Трето доба”, ,,Време на летала”…
Своевремено се продаваа и аудио касети со приказни за деца во нејзина интерпретација, раскажани со природен ритам и интонација што создава чувство на блискост и доверба, а хармонијата во изразот ѝ овозможи да создаде автентични и незаборавни интерпретации, кои публиката и денес ги препознава со леснотија.
Беше доајен на Радио Скопје, и за многумина останува запамтена како гласот од нивното детство. Балабанова е пример за тоа како еден хармоничен и препознатлив глас може да стане културен симбол и да остави трајно наследство во светот на синхронизацијата.
Деск

