Македонскиот актер, шоумен и автор Игор Џамбазов ќе ја има улогата на водител во големиот музичко-сценски спектакл што се подготвува по повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија.
Станува збор за оригинален мјузикл во кој, според најавите, ќе учествуваат повеќе од 100 македонски уметници – актери, пејачи, музичари и танчери, кои преку музика, театар и сценски перформанс ќе ја раскажат приказната за независна Македонија.
Изборот на Џамбазов за водител се вклопува во концептот на проектот, имајќи ја предвид неговата долгогодишна кариера на театарската и музичката сцена, како и препознатливиот начин на комуникација со публиката.
-Среќен сум и почестен што сум одбран како церемонијал-мајстор на овој мултимедијален спектакл што го подготвуваме со многу големо внимание, радост и одговорност. Пресреќен сум затоа што ќе се обидеме, и јас ќе бидам директен учесник во тоа, овој празник да важи за сите, за сите граѓани на независна Република Македонија. Не дека досега не било така, но овој пат ќе се даде посебна назнака на тоа дека сите го прославуваме ова. Роденден на сите оние кои се чувствуваат лојални граѓани на оваа држава, кажа Џамбазов на денешната прес конференција.
Мјузиклот е дел од програмата за одбележување на 35 години од независноста на државата и е замислен како еден од централните културни настани по повод јубилејот. Организаторите најавуваат продукција од големи размери, со учество на бројни домашни уметници и оригинална музичко-сценска содржина.
Покрај мјузиклот, кој ќе биде еден од централните настани во одбележувањето на 35-годишнината од независноста и чиј водител ќе биде Игор Џамбазов, програмата предвидува и настап на светски познати музички имиња. Како што беше претходно најавено, на Националната арена „Тоше Проески“ во Скопје ќе настапи францускиот диџеј и продуцент Дејвид Гета, додека на плоштадот „Македонија“ концерт ќе одржи еден од најпознатите оперски тенори во светот, шпанскиот уметник Хозе Карерас. Со овие настани, организаторите најавуваат богата културно-уметничка програма со која ќе биде одбележан јубилејот – 35 години од независноста на државата.
Повеќе детали за актерската екипа, креативниот тим и терминот на изведба се очекува да бидат соопштени во наредниот период.
ИГОР ЏАМБАЗОВ ВО УЛОГА НА ВОДИТЕЛ НА СПЕКТАКЛОТ ЗА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ: ОВА Е РОДЕНДЕН НА СИТЕ КОИ СЕ ЧУВСТВУВААТ ЛОЈАЛНИ ГРАЃАНИ НА ОВАА ДРЖАВА!
2 Mins Read
Previous ArticleОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКА ЈА НОСИ ЛЕПА БРЕНА ПРЕД ДОМАШНАТА ПУБЛИКА

