Македонскиот тенис испиша нова страница во својата историја. Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа за првпат во кариерата обезбеди пласман во главниот турнир на Вимблдон, со што стана првата македонска тенисерка и првиот македонски тенисер што ќе настапи во главниот жреб на најпрестижниот светски тениски турнир.
Тетовчанката до историскиот успех стигна со три победи во квалификациите, а во првото коло ја очекува исклучително тежок предизвик против шестата носителка, Американката Аманда Анисимова. Главната фаза на Вимблдон започнува на 29 јуни.
Пласманот во главниот турнир носи и значајна финансиска награда. Самото учество на Ѓорческа ѝ обезбедува 80.000 британски фунти, а доколку успее да ја мине првата рунда, заработката ќе се зголеми на 126.000 фунти. Овогодинешното издание на Вимблдон располага со рекорден награден фонд од 64,2 милиони фунти.
Историскиот успех на Ѓорческа предизвика голема радост и гордост кај македонската јавност. На социјалните мрежи веќе се актуелни бројни повици упатени до Македонците кои живеат во Велика Британија, како и до оние што ќе престојуваат во Лондон за време на турнирот, да дојдат на трибините и да ѝ дадат силна поддршка.
Во објавите се повикува македонските навивачи да го развеат македонското знаме на трибините на Вимблдон и да создадат атмосфера достојна за историскиот настап на Ѓорческа, која за првпат ќе ја претставува Македонија во главниот жреб на еден Грен слем турнир.
Очекувањата се дека македонските знамиња ќе бидат видливи на трибините, а Ѓорческа ќе има дополнителен мотив во својот најголем натпревар во кариерата, знаејќи дека зад себе ја има поддршката од сонародниците.
В.К.
ТРИБИНИТЕ ДА СЕ ОБОЈАТ ВО ЦРВЕНО-ЖОЛТО: ПОВИК ЗА МАСОВНА ПОДДРШКА НА ЃОРЧЕСКА НА ВИМБЛДОН
2 Mins Read

