Македонија продолжува со спроведување на реформите, со цел зајакнување на економијата, подобрување на институциите и унапредување на владеењето на правото, порача премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со европскиот комесар за проширување Марта Кос.
Мицкоски истакна дека европската интеграција останува стратешка определба на државата, а реформите се клучниот услов за напредок и создавање подобри услови за граѓаните.
„Граѓаните со години покажуваат јасна определба за европската идеја. Во тој период беа донесени тешки одлуки, беа преземени сериозни обврски и беа направени значајни чекори со уверување дека секој исполнет критериум ќе биде вреднуван на објективен и предвидлив начин. Затоа денес е важно да постои доверба дека процесот ќе продолжи според истите правила што важат и за сите други кандидати и за сите држави коишто биле кандидати.
Нашата определба останува непроменета. Ќе продолжиме со реформите, ќе ја зајакнуваме економијата, институциите и владеењето на правото, затоа што тоа е во интерес на граѓаните и затоа што европските вредности ги разбираме како вредности што треба да бидат дел од секојдневното функционирање на институциите.
Истовремено, остануваме доследни на ставот дека секое трајно решение треба да биде засновано врз заемно почитување, заштита на националното достоинство и јасна, предвидлива европска перспектива“, порача премиерот, нагласувајќи дека Владата работи на исполнување на преземените обврски во процесот на европските интеграции.
На средбата со европскиот комесар Кос, Мицкоски посочи дека земјата очекува јасна перспектива и поддршка од Европската Унија во процесот на приближување кон европските стандарди.
Според него, реформската агенда не е само обврска поврзана со членството во ЕУ, туку и инструмент за подобрување на секојдневниот живот на граѓаните преку поефикасни институции, поголема економска сигурност и правна држава.
Премиерот се осврна и на економските приоритети на Владата, нагласувајќи дека привлекувањето инвестиции, создавањето нови работни места и подобрувањето на деловниот амбиент се меѓу клучните цели.
Европскиот комесар за проширување Марта Кос на заедничката прес-конференција ја потврди важноста на реформите во процесот на пристапување кон ЕУ, посочувајќи дека напредокот ќе зависи од конкретните резултати во клучните области.
Средбата меѓу Мицкоски и Кос доаѓа во период кога европската интеграција и спроведувањето на реформската агенда остануваат меѓу главните политички теми во земјата.
МИЦКОСКИ: ВАЖНО Е ДА ПОСТОИ ДОВЕРБА ДЕКА ПРОЦЕСОТ КОН ЕУ ЌЕ ПРОДОЛЖИ СО ИСТИ ПРАВИЛА КОИ ВАЖАТ ЗА ДРУГИ ЗЕМЈИ КАНДИДАТИ
2 Mins Read

