Министерката за образование и наука Весна Јаневска, заедно со еврокомесарката за проширување Марта Кос, евроамбасадорот Михалис Рокас и вицепремиерот Беким Сали, изврши увид во реконструкцијата на Државниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, кој е еден од капиталните инфраструктурни проекти што се реализираат со поддршка од Европската Унија.
Според Јаневска, студентскиот дом е во фаза на темелна реконструкција и наскоро ќе биде целосно обновен, модерен и енергетски ефикасен, со подобрени услови за престој на студентите.
Министерката изрази благодарност до Европската Унија и Германската развојна банка KfW за поддршката во унапредувањето на образовната инфраструктура. Таа информираше дека е обезбедена финансиска рамка од 86 милиони евра, од кои 60 милиони евра се заем од KfW под поволни услови, 22 милиони евра се неповратни грантови од Европската Унија, додека околу четири милиони евра се обезбедени од буџетот на Министерството за образование и наука.
Со овие средства ќе се реализираат вкупно 16 инфраструктурни проекти, односно ќе бидат реконструирани сите девет државни студентски домови во земјава, како и седум ресурсни центри за деца со посебни образовни потреби.
Јаневска оцени дека поддршката од Европската Унија има значајна улога во развојот на македонскиот образовен систем и неговото приближување кон европските стандарди.
„Верувам дека во иднина ќе имаме уште повеќе и поголеми вакви инвестиции заедно со Европската Унија“, порача министерката.
ЈАНЕВСКА: СО 86 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ СЕ ОБНОВАТ СИТЕ ДЕВЕТ ДРЖАВНИ СТУДЕНТСКИ ДОМОВИ И СЕДУМ РЕСУРСНИ ЦЕНТРИ
2 Mins Read

