Неексплодирана артилериска граната од Првата светска војна, тешка околу 45 килограми и со калибар од 155 милиметри, е безбедно отстранета од атарот на селото Пепелиште, Општина Неготино, соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Гранатата била пронајдена во коритото на реката Вардар, а поради непристапниот терен, интервенцијата била изведена во сложени услови. Во акцијата логистичка поддршка обезбедила Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Неготино, која ставила на располагање чамец за пристап до локацијата.
Пиротехничарот на ДЗС, Ѓорѓи Стефанов, безбедно ја извлекол гранатата, по што таа била транспортирана и обезбедена до нејзиното конечно уништување на Армискиот полигон „Криволак“.
Од ДЗС упатија благодарност до ТППЕ Неготино за професионалната соработка и навремената поддршка. Воедно, ги повикаа граѓаните, доколку пронајдат или забележат сомнителни експлозивни средства, да не ги допираат ниту да ги поместуваат, туку веднаш да ги пријават на единствениот бесплатен број за итни случаи – 112.
Next Article ТРАКТОР СЕ ПРИДВИЖИЛ И ГО ПРЕГАЗИЛ СОПСТВЕНИКОТ

