Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) остро реагира на отворањето на јавната дебата за можноста за зголемување на старосната граница за пензионирање, оценувајќи дека ваквите предлози се на штета на работниците и не ги решаваат суштинските проблеми на пензискиот систем.
Во соопштението, ССМ изразува сериозна загриженост поради информациите што се појавија во јавноста, според кои се разгледува можност за пензионирање на возраст до 72 години. Од Синдикатот потсетуваат дека и во минатото имало слични иницијативи, кои, според нив, биле изнесувани без консултации со работниците и не дале долгорочни резултати.
Според ССМ, наместо продолжување на работниот век или зголемување на придонесите за покривање на дефицитот во Пензискиот фонд, потребни се политики што ќе обезбедат повеќе вработувања, повисоки плати и нови домашни и странски инвестиции. Од Синдикатот сметаат дека токму тоа ќе придонесе за поголем прилив на средства во пензискиот систем и намалување на сиромаштијата.
Во реакцијата се посочува и податокот од Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија за 2025 година, според кој очекуваниот животен век изнесува 76,63 години. Од ССМ прашуваат дали идејата е граѓаните да работат речиси до крајот на животот, наместо да уживаат во заслужената пензија.
Како решение, Синдикатот предлага воведување повеќе модели за пензионирање, меѓу кои пензија по исполнет работен стаж од 40 години за мажи и 35 години за жени, можност за предвремено пензионирање, бенефициран стаж за работници кои работат во особено тешки и ризични услови, како и можност за докуп на работен стаж.
ССМ исто така повикува на посилна борба против непријавената работа и поефикасна наплата на социјалните придонеси. Според Синдикатот, државата годишно губи околу 250 милиони евра поради сивата економија, средства кои, како што наведуваат, би можеле значително да ја подобрат одржливоста на социјалните фондови.
„Не може да си играме со здравјето и животот на работниците и граѓаните, ниту да го продолжуваме нивниот работен век како покритие за лошите политики од минатото“, порачуваат од ССМ, оценувајќи дека ваквите предлози би можеле дополнително да го поттикнат иселувањето и на младите и на повозрасните работници од државата.

